МЖСПП не дава дозвола топланите да користат дизел за топлинска енергија

Министерството за животна средина и просторно планирање не издало ниту една дозвола на топланите за користење на нафта за испорака на топлинска енергија. До сега топланите не побарале, но поради загадувањето на воздухот ова нема да биде дозволено.

Во случај на барање за користење на дизел станува збор за гориво што воопшто не е предвидено во постоечката дозвола, велат за МКД.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање. Дизелот претставува поеколошко гориво во однос на мазутот, но секако емисиите при користење и на двата вида на гориво се повисоки во однос на гасот и кога работат при гранични вредности. Со нивно користење се очекува можно нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух.

„Согласно законската регулатива топланите што работат согласно А-Интегрираните еколошки дозволи (АИД) издадени од Министерството за животна средина и просторно планирање предвидено е да користат гас како гориво. Истите мора да имаат наведено барем уште еден вид на гориво во случај на недостиг на гас што е во согласност со стандардите за овој тип на индустрија. И за едниот и за другиот случај дозволата мора да предвиди услови за работа. Еден од условите е другиот тип на гориво што не е гас да се користи исклучиво при прекин на довод на гас и е ограничен на 10 дена. Регулативата предвидува измена на АИД, но постапката е иста како да се издава нова, не постои можност за кратка или поедноставена постапка за значителни промени (постапката трае 90 дена). Во случај на барање за користење на дизел станува збор за гориво што воопшто не е предвидено во постоечката дозвола. Во однос на карактеристиките на горивата, дизелот претставува поеколошко гориво во однос на мазутот, но секако емисиите при користење и на двата вида на гориво се повисоки во однос на гасот и кога работат при гранични вредности. Со нивно користење се очекува можно нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух“, стои во одговорот што МКД.мк го доби од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Добро е, додаваат од МЖСПП да се искористат и сите можности од обновливите извори на енергија, односно од сонце и ветер.

Деновиве се трошат последните количини на гас , кои беа обебзедени на почетокот на овој месец.