Медведев: Америка и НАТО и објавија војна на Русија

Високи руски претставници денеска продолжија да ги обвинуваат САД и Западот за одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го суспендира договорот за контрола на нуклеарното оружје „Нов старт“. Одлуката допрва треба да ја потврди рускиот парламент, но никој не се сомнева дека тоа ќе се случи.

Поранешниот руски претседател и близок соработник на Путин, Дмитриј Медведев, кој моментално е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, вели дека потегот бил задоцнет бидејќи, како што тврди, САД и НАТО практично и објавиле војна на Русија.

„Ние бевме принудени да ја донесеме таа одлука поради војната што Америка и другите членки на НАТО и ја објавија на нашата земја. Таа одлука ќе има огромно влијание во светот, особено во САД“, објави Медведев на својот канал „Телеграм“.

И шефот на руската Дума, долниот дом на парламентот, исто така ги обвини САД за суспензија на договорот од Русија. „Америка одбива да дејствува во согласност со своите обврски, а исто така ги отфрли предлозите на нашата земја за глобалните безбедносни прашања. Така, ја уништи архитектурата на меѓународната стабилност“, рече шефот на Думата, Вјачеслав Володин.