
„Не треба да се мешаат билатералните прашања во процесот на пристапување кон Европската унија, но факт е дека земјите членки понекогаш ги ставаат сопствените интереси на маса и затоа отворените билатерални прашања треба да се решаваат во духот на добрососедските односи“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА во Брисел.
Кос вели дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани поради долгото чекање, со оглед на тоа што земјата има кандидатски статус од 2005 година. Но, според неа, поддршката за членство во ЕУ, во кое сè уште веруваат две третини од граѓаните, ѝ дава легитимитет на Владата да го продолжи европскиот пат и истовремено, како што рече, ја обврзува да ги исполни нивните очекувања.
Таа упати апел до Владата:
„Откако ќе се направат уставните измени, ќе можеме да продолжиме без каква било дополнителна политичка одлука. Мојот апел до Владата е да го направи тој чекор и да ја исполни својата обврска“.
За натамошен напредок во пристапниот процес, Кос посочи дека земјата треба да продолжи со реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и со спроведувањето на обврските поврзани со функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.
Вели исплатата на средствата од планот за раст зависи од исполнувањето на обврските нагласувајќи дека Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите предвидени со планот.
Кос оцени дека напредокот на другите земји од Западен Балкан покажува дека сега е момент и Македонија да направи чекор напред. Таа ја повика Владата, да ја исполни преземената обврска за уставните измени по што пристапниот процес ќе може да продолжи без дополнителна политичка одлука.
„Се надевам дека многу бргу ќе го потпишеме договорот за пристапување со Црна Гора. И на Албанија ѝ оди многу добро. Ова е вистинскиот момент и Северна Македонија да тргне напред. Од политичарите во Северна Македонија зависи дали тоа ќе се случи. Станува збор за еден чекор, иако е голем. Тоа се уставните измени. Откога ќе се направат уставните измени, ќе можеме да продолжиме без каква било дополнителна политичка одлука. Мојот апел до Владата е да го направи тој чекор и да ја исполни својата обврска. Потоа сигурна сум дека ќе можеме да продолжиме во најдобар интерес и на вашите граѓани“, вели Кос.
На прашањето кои се најважните следни чекори што Македонија треба да ги преземе за да напредува во пристапниот процес, Кос вели дека тоа се реформите.
„Треба да продолжите со реформите, особено во владеењето на правото и во борбата против корупцијата. Тие се дел од она што го нарекуваме темелни прашања. Тука спаѓаат и патоказите за функционирањето на демократските институции, за реформата на јавната администрација, каде што добро ја завршивте работата, и за владеењето на правото.
Вашата влада многу добро знае што треба да се направи. Сега од вас зависи да продолжите по тој пат и да ги спроведете реформите. Со големо задоволство можам да кажам дека Северна Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите од Планот за раст“.
За конкретни придобивки за граѓаните од поблиската интеграција во ЕУ може да ги почувствуваат нашите граѓани уште пред членството, еврокомесарката за проширување нагласува дека главната идеја на постепената интеграција е да добиете повеќе од Европа уште пред да се стане полноправна членка. „Тоа значи дека можете да учествувате во некои политики или да користите одредени поволности. Еден пример е СЕПА. Разговарав со вашиот премиер и тој секогаш објаснува колку е тоа важно за вашите граѓани и бизниси. Имате дијаспора. Многу Македонци живеат во странство и испраќаат пари, а откако сте дел од СЕПА, трошоците за овие трансфери се намалија. За Северна Македонија тоа може да значи придобивка од 60 милиони годишно“, вели Кос.
Според неа, граѓаните не треба да престанат да веруваат дека членството во ЕУ е можно. „Шансата е отворена токму сега. Бидете гласни и ангажирани. Во многу области можете да придонесете за напредок и без да чекате на Владата. Секако, разговарајте и со вашата Влада за да ги преземе потребните чекори и да можеме да продолжиме со пристапниот процес.
Сакам да кажам и зошто проширувањето е толку важно и зошто е важно вашата земја да стане членка на ЕУ. Европската Унија е создадена за во Европа повеќе да нема војна. Како што гледате, потфрливме. Доаѓам од овој дел на Европа. Пораснав во земја што никогаш не била во војна и верувавме дека така и ќе остане. Но, не остана така.
Кога мојата земја, Словенија, се осамостои во 1991 година, уште истата вечер излегоа тенковите на Југословенската армија и почна војната. Не верувавме дека тоа е можно. Знам дека некои луѓе прашуваат што добиваат од она што живеат во мир. Мојот одговор е дека добиваат сè. Бев во Словенија за време на војната. Не знаевме колку долго ќе трае, кој ќе загине или дали веќе имало загинати. Сè додека има мир, можеме да се справиме и со најтешките проблеми. Сигурна сум дека ќе можете да ги решите сите прашања со соседните земји и ние ќе ви помогнеме“, вели Марта Кос.