Маричиќ: Непроширувањето на ЕУ „уби голем дел од ентузијазмот на луѓето“

Членството во 2030 година е реална цел, но и треба да биде мотивација, порача меѓу другото звицепремиерот Бојан Маричиќ за време на неговото учество на панел диксусијата во Атина за ЕУ перспективата на Западен Балкан.

Тој истакна дека Западен Балкан е опкружен со земји членки на Европската унија и земјите од регионот не се далечни земји, кои бараат членство, а како споредба посочи дека популација на државите кандидати е 18 милиони што не го надминува бројот на жители на Романија.

Маричиќ потсети на 2017 година кога за првпат заедно со тогашниот премиер Зоран Заев биле во посета на Брисел и ги слушнале пораките дека „сега е моментумот за решавање на проблемот со името“, како и за моментумот за почеток на преговорите, но и за реформите кои во следните години беа спроведени, но следеше ново одложување, што како што рече. „уби голем дел од ентузијазмот на луѓето во земјата“.

„Тоа беше моментот кога се отвори вратата за некои земји- членки да го убијат моментумот и да отворат билатерални прашања.

Знаете во Македонија колку падна јавната поддршка за ЕУ од крајот на 2019 година, односно почетокот на 2020 година до лани?

Околу 20 проценти. Од 80 на 60 отсто. Затоа, мислам дека сега е последниот моментум што треба да го фатиме, бидејќи се плашам дека луѓето на Западен Балкан ќе престанат да се грижат за тоа што Европската Унија, мисли, вели или прави, истакна Маричиќ.

Посочи дека на регионот му е потребен конкретен датум и реален план, а 2030 година е реална цел, бидејќи Унијата веќе има искуство со големо проширување.

Истакна дека патот кон ЕУ треба да биде мотивација, а во 2030 година да има двојна успешна приказна.

„Успешна приказна за Западен Балкан, дека конечно ја завршивме нашата транзиција и успешна приказна за Европската Унија, дека Европската Унија е проширена со овие земји членки, порача вицепремиерот“ рече Маричиќ.