Маричиќ на првиот билатерален скрининг: Граѓаните мора да ги почувствуваат придобивките од преговорите

Главниот преговарач на Северна Македонија со Европската Унија и вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ во денешното обраќање на првиот билатерален скрининг, пред Европската комисија, истакна дека имаме капацитет и можеме да одговориме на предизвиците кои ги носат преговорите, за граѓаните час поскоро да ги почувствуваат придобивките од процесот.

-Верувам сите разбираат дека токму заради подобар живот на граѓаните преземаме одговорност државата да ја вклучиме во еден организиран систем кој ќе функционира според стандардите на ЕУ. Со државнички одлуки влеговме во овој процес, кој нема да биде лесен и кој бара заложба и политичка волја, но носи европски стандард за граѓаните и крај на неизвесноста за просперитетот и стабилноста на државата, истакна Маричиќ.

На билатералниот скрининг кој започна денеска со состанок за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, вицепремиерот информираше за досега сработеното во областа на јавните набавки, како од аспект на реформи, така и од аспект на правната рамка во областа, подвлекувајќи дека тие се од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина.

– Јавните набавки се клучен столб за испорака на услуги за владите. Добро дизајнираните системи за јавни набавки придонесуваат за постигнување на итни политички цели како што се заштитата на животната средина, иновациите, отворањето работни места и развојот на малите и средни претпријатија, а тоа е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина, рече Маричиќ.