
Македонскиот игран филм „17“ номиниран за Европските филмски награди во категоријата „Европско откритие“
Македонскиот игран филм „17“, дебитантско остварување на режисерката Косара Митиќ, е номиниран во категоријата „Европско откритие - Награда ФИПРЕСЦИ“ за 39. издание на Европските филмски награди.
Македонскиот игран филм „17“, дебитантско остварување на режисерката Косара Митиќ, е номиниран во категоријата „Европско откритие – Награда ФИПРЕСЦИ“ за 39. издание на Европските филмски награди.
Од продукцијата соопштуваат дека номинацијата претставува значајно признание за филмот, кој претходно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал, освои награда на Филмскиот фестивал во Ерусалим и беше дел од програмата на Сараево филм фестивал, а неодамна ја имаше и својата скопска премиера во рамки на Скопје филм фестивал.
Наградата „Европско откритие“, која се доделува во соработка со Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ), е наменета за афирмација на новите авторски гласови на европската кинематографија. Вклучувањето на „17“ во конкуренцијата се оценува како значајно признание не само за авторскиот тим, туку и за македонската филмска продукција во целина.
Во периодот што следува, филмот ќе биде претставен пред членовите на Европската филмска академија преку специјални проекции и презентации во повеќе европски културни центри. Гласањето за победниците ќе се одвива од 14 декември годинава до 7 јануари 2027 година, додека добитниците на наградите ќе бидат соопштени на свечената церемонија што ќе се одржи на 16 јануари во Атина.
„17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и СЕЕ Синема Нетворк.
Сценариото го потпишуваат Косара Митиќ и хрватскиот сценарист Огњен Свиличиќ, а продуцент е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија.
Европските филмски награди се доделуваат од 1988 година и важат за едно од најзначајните признанија во европската кинематографија, а победниците ги избираат членовите на Европската филмска академија.