Македонската и албанската влада денеска на заедничка седница во Скопје

Владите на Северна Македонија и на Албанија денеска во Скопје ќе одржат меѓувладина седница на која официјални обраќања ќе имаат премиерите Димитар Ковачевски и Еди Рама.

На меѓувладината седница ќе се одржи и церемонија на потпишување на договори и меморандуми од страна на министрите на двете влади со цел продлабочување на соработката меѓу двете земји.

„Односите меѓу Северна Македонија и Албанија се на исклучително високо ниво, исто како што се на исклучително високо ниво и со другите соседни држави“ – изјави вчера премиерот Ковачевски.

Граѓаните, додаде тој, може да очекуваат средба меѓу двете влади, во исклучително позитивна атмосфера.

„Министерствата веќе имаат подготвено поголем број меморандуми и одлуки за соработка, кои не само што ќе бидат разгледани, туку и ќе бидат потпишани заедно со министрите од Албанија“ – нагласи Ковачевски.

Премиерот посочи дека за целиот тек на средбата за заедничката владина седница медиумите постојано ќе бидат информирани. Подоцна, како што рече, веројатно ќе следува и прес-конференција со премиерот на Албанија Еди Рама.