Лазаров: Треба да се мобилизираме за дуелот со Аргентина

Ракометната репрезентација на Македонија вчера загуби убедливо (24:34) и од Холандија во вториот настап на Светското првенство.

Сепак селекторот Кирил Лазаров смета дека мора да се мисли и на достоинството на националниот тим.

„Не е срамота да се изгуби од Холандија, не е срамота да се изгуби и од Норвешка, но боли разликата. Јас и пред мечот им кажав дека треба да знаат да победуваат за да ја достигнат нашата генерација и да ја надминат. И ние кога почнувавме исто беше вака, оваа генерација побрзо ќе порасне. Треба да се работи многу во иднина, сега не е време за анализа, ќе имаме време и за тоа. Треба да се обидеме да се мобилизираме и да одиграме еден добар натпревар против Аргентина каде што ќе бидеме конкурентни за победа“ – рече Лазаров.

Македонија утре (18 часот) го игра последниот меч од групата против Аргентина во „Таурум арена“ во Краков.

На Аргентинците им одговара и нерешен резултат за прогрес во следната фаза поради подобра гол разлика од „црвено-жолтите“.