Курти: Подготвен сум да разговарам со Вучиќ

Косовскиот премиер Албин Курти кажа дека е подготвен да се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ за да разговара за француско-германскиот предлог.

„Овој состанок може да се одржи во контекст на француско-германскиот предлог. Спремен сум да седнам и да разговарам“, кажа Курти за Еуроњуз Албанија.

Оцени дека француско-германскиот план, кој Брисел и Вашингтон го поддржа како преговарачка рамка, „е добра основа за понатамошни дискусии и солидна платформа за напредување“.

Додаде, меѓутоа, дека договор за тој предлог не може да се постигне без нова рунда преговори и дека тој не е конечен договор.

Курти кажа и дека е оптимист кога станува збор за постигнување на договор бидејќи западното инсистирање е засилено, но и, како што тврди, во Белград сфатиле дека „не може да се договорат со него на штета на Косово“.

Го повтори ставот на Приштина дека во центарот на договорот за нормализација на односите мора да биде „меѓусебно признавање“.

Кажа дека фактичкото признавање е важно, но дека подеднакво важно е и правното признавање.

„Сметаме дека признавањето на петте држави од Европската Унија кои сè уште не го признале Косово е многу важно. Значи, ако не можеме да имаме место во Обединетите нации, како што добија двете Германии, мораме да дадеме сè од себе на наша страна да бидат Шпанија, Словачка, Грција, Романија и Кипар. Стана бесмислено пет од 27 земји од Европската Унија и четири членки на НАТО да не нè признаваат ни 15 години по прогласувањето на независноста“, наведе Курти.