Кумановскиот градоначалник со отчет за првите 100 дена од новиот мандат

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски денеска даде отчет по првите 100 дена од новиот мандат. Тој рече дека кумановци на изборите избрале граѓански концепт, концепт на соживот, на нови проекти за модерен град.

„Подобрување на инфраструктурата во целата општина беше и продолжува да биде наш приоритет фокусирано како во претходниот, така и во новиот мандат“ – рече Димитриевски.

Димитриевски рече дека на средбите со амбасадорите разговарале за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. За проектите се заблагодари на советниците кои дале поддршка.

„Предвидовме до 2025 година реализација на 800 проекти, инфраструктура, спорт, култура, вложувања во образование“ – рече Димитриевски.

Одговарајќи на новинарски прашања тој рече дека за годинава има развојна програма која се темели на реален буџет, дваесетина инфраструктурни проекти за 2022, изградба на нови, реконструкции на повеќе улици, два кружни текови, Смарт парк, две нови спортски игралишта, нови вложувања во образованието.

Во однос на аерозагадувањето, Димитриевски рече дека поради енергетската криза сега малку се говори за овој проблем, за кој општината има краткорочни и среднорочни методи, аеросолизација, озеленување и гасификација.

„Испорачавме гас на болницата, останува нивна одлука кога ќе го имплементираат, ќе обезбедиме рекорден број садници пролетва. Но со покачување на цената на гасот, голем број граѓани и јавни институции поради финансиски неможности да ги платат сметките се враќаат на други форми на затоплување, нафта, домаќинствата на огревно дрво, што го покачува степенот на загадување. Верувам дека ќе се надмине кризата и ќе влеземе во процес на гасификација за да се добие битката со аерозагадувањето“ – рече Димитриевски.

Тој спомна дека е вложено во систем за мерење на аерозагадување што покажува различен степен на аерозагадување.