
Кражбите по македонските пруги чинат половина милион евра
Речиси половина милион евра изнесува проценетата штета од кражбите по македонските пруги од страна на надворешни лица во текот на минатата година, објави Јавното претпријатие за железничка инфраструктура во извештајот за работењето во текот на 2025 година.
Речиси половина милион евра изнесува проценетата штета од кражбите по македонските пруги од страна на надворешни лица во текот на минатата година, објави Јавното претпријатие за железничка инфраструктура во извештајот за работењето во текот на 2025 година.
„Во работењето на ЈП ЖРСМ – Скопје за периодот од 01.01 – 31.12.2025 правната служба евидентира кражби по пријави при што е настаната штета во вредност од 28,67 милиони денари, или 446.197 евра. Со тоа се предизвикува нарушување во стабилноста и нормалното одвивање на железничкиот сообраќај на пругите на територија на Р.С.Македонија“, наведено е во извештајот.
Синиша Ивановски, директорот на јавното претпријатие задолжено за одржување на железничката инфраструктура, вели дека кражбите оваа година се намалени грубо за 80 отсто помалку.
– Имаше многу случаи на кражби и тие не престануваат, иако моите информации се дека има и затворски казни. Најмногу се краде бакарот кој е доста важен за сигнализацијата и го става сообраќајот под ризик. Ние поради тоа за 6 милиони денари ангажиравме агенција за обезбедување, но мислам дека е невозможно да се контролира се и секаде, вели Ивановски.
Инаку во самиот извештај пишува дека загубата за минатата година на „Македонски железници- инфраструктура“ изнесува дури 267 милиони денари и за една година е зголемена за 41,5 отсто. Тоа најмногу се должи поради ненаплатеното годишно побарување од железничкото транспортно претпријатие кое како единствен оператор ја користи инфраструктурата.
Јавното претпријатие за железничка инфраструктура има доспеан долг од 80 милиони евра кон Министерството за финансии, кое како гарантор му ги плаќа обврските по меѓународните кредити за изградба на новите железнички траси главно по Коридор 8.