
Уставниот суд на денешната седница ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 1 и член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Подносителот на иницијативата, Илија Ивановски од Србија, смета дека оспорените одредби го ставаат во нееднаква и дискриминирачка положба во однос на другите пензионери кои оствариле право на пензија според истиот закон, но живеат и ја примаат пензијата во државата.
И покрај тоа што правото на пензија го остварил согласно важечкиот закон, со оспорените одредби тоа право му се ограничува врз основа на местото на живеење, што претставува повреда на уставно загарантираните права, се наведува во иницијативата.
Истовремено, Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1, во делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата, по иницијатива поднесена од Кирил Михајлоски. Подносителот тврди дека со воведувањето на условот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ се ставаат во понеповолна положба за добивање на еднократна парична помош, деца чии родители се државјани на Република Северна Македонија, а кои се родени во странство, во однос на деца чии родители се исто така државјани на Република Северна Македонија, но кои се родени на територијата на државата. Според подносителот местото на раѓање не зависи од волјата на детето, ниту пак може да биде релевантен критериум за остварување права од областа на детската заштита.
Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од Уредбата за престанување на важење, односно на примена на прописите опфатени со проектот регулаторна гилотина.
Судот не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 74 од Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација.
Судот не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 од Статутот на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, донесен од Собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 02.11.2024 година и на ден 03.11.2024 година и објавен на веб-страницата на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија.
Иницијативите кои се однесуваат на измените на Законот за градење беа повлечени од дневниот ред, со цел дополнително разгледување и утврдување на околностите.