Компании, општини, комунални претпријатија, институции во трка за поставување фотоволтаици

Фирмите во Македонија, за да ги намалат трошоците за струја, ова лето побрзаа да постават фотоволтаици на своите покривни конструкции. Само во штипскиот регион 30 компании побарале дозволи за градба на фотоволтаични централи на покривите на своите објекти, покажаа податоците на Одделението за урбанизам на Општина Штип.

Една од нив е и текстилната конфекција на Кирил Нашков, кој вели дека инвестицијата била неопходна за опстанокот на компанијата.

– Фотоволтаиците на покривите на стопанските објекти станаа атрактивни со скокањето на цената на струјата. Ние, за среќа, во нашата фирма веќе имавме поставено и тоа пред да се случи енергетската криза. Така што некако полесно поминуваме. Се појавија многу фирми кои монтираат и сè уште не се регулирани сите правила на игра со државата, дозволи и некако нè затекна оваа криза, вели Нашков.

Посочува дека фирмите сега се пренатрупани од понуди од фирми, кои поставуваат фотоволтаици на покривните конструкции на објектите.

– Од причина што сега сите бараат да ставаат на своите капацитети и тоа ден порано. Летото помина, па ќе видиме сега и сончевите денови како ќе бидат. Таа инвестиција ќе треба време за да се врати. Сè зависи од цената на струјата. Бевме доведени во ситуација да мораме да поставиме, инаку, другата опција беше за месец, два или три да се затвори фирмата. Тоа беше состојбата кај повеќето фирми. Толку што беше фрапантен тој скок на цените, вели Нашков.

Забележува дека секоја фирма во кругот на индустриската зона на поранешен „Астибо“ има поставено фотоволтаици на покривите. Прашан кои се проблемите за поставување фотонапонски панели за производство и дистрибуција на струја, Нашков вели дека многу фактори се во игра.

– Сè зависи од местоположба, од местото, потоа може да има и проблеми со мрежата на ЕВН. Проблемите со вадење на дозволите се стандарди, секогаш. Мислам дека на ова Владата треба да поработи, ние имаме некое поместување за физички лица, но за фирмите ќе треба да се олесни. Јас би рекол сè зависи од ситуација до ситуација, додава Нашков.

МИА побара и мислење од Ангел Димитров, менаџер на светиниколската конфекција „Мода“, а на јавноста познат и по Организација на работодавачи. Втора година на покривната конструкција на овој стопански капацитет има две соларни централи. Неговите искуства се позитивни со производство на струја од сонце.