Ковачевски – Ескобар: Европскиот пат на Северна Македонија е силно поддржан од САД

Премиерот Димитар Ковачевски во рамките на работна посета на Њујорк, се сретна со заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

На состанокот на премиерот Ковачевски со високиот претставник на САД, Ескобар, е разговарано за актуелни прашања од значење за стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД и за состојбите во регионален и геополитички контекст.

На средбата е истакнато значењето на големото и искрено пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, од независноста на нашата држава до денес. Тоа, како што е констатирано е одразено со активна соработка преточена во стратешкото партнерство меѓу двете држави и со потврдени резултати на планот на демократските, економските и стратешките интеграциски процеси на нашата држава.

САД, како што е потенцирано, високо го ценат учеството на земјава во мировните мисии, одговорното партнерство во НАТО и придонесот на земјава во стабилноста на Западен Балкан и со тоа и на Европа.

Од овие причини, во Северна Македонија се гледа доверлив партнер на САД. И, во таа насока е споделено е очекувањето дека сите политички субјекти во земјава ја имаат предвид историската и неповторлива шанса за ефикасен процес на зачленување во Европската Унија, по полноправното членство во НАТО. Нашиот европски пат, како што беше нагласено на средбата, е силно поддржан од САД.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за огромната и континуирана тридецениска поддршка од САД, во остварувањето на сите клучни и стратешки цели, како и за личните заложби на Ескобар, во овој важен период кога треба да се осигура европската иднина на државата.

„Поддршката од САД е од голема важност за унапредувањето на квалитетот на живот на македонските граѓани, за просперитетот и стабилноста на Северна Македонија, како и на целиот регион. Неопходно е во претстојниот период да донесеме уште една државничка одлука со што ќе ги осигураме евроинтеграциите – и Владата и јас лично сме силно посветени на оваа цел”, рече премиерот Ковачевски.