Ковачевски ги објави имињата за составот на новата Влада

Претседателот на СДСМ и мандатар на новата Влада, Димитар Ковачевски синоќа на прес-конференција по завршувањето на седниците на Извршниот и на Централниот одбор на партијата соопшти дека за вицепремеир за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е предложена Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, за вицепремир задолжен за економски прашања коориднација на еконсмките ресори и инвестиции – актуелниот Фатмир Битиќи, за вицепремир за европски прашања е предложен Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда.

Ковачевски кажа дека за министер за одбрана е предложена Славјанка Петровска, пратеничка во СДСМ,  порнаешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада, за министер за внатрешни работи – актуелниот Оливер Сапсовски, за министер за правда проф. д-р Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје, за министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој и порано раководеше со овој ресор.

За министер за труд и социјална политика – Јована Тренчевска – директорка на Државниот инспекторат за труд. За министер за култура Бисера Костадинова-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ и претходно порофесор на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Битола.

За министер за транспорт и врски е предложен актуелниот Благој Бочварски.

Од сите нив, како што рече Ковачевски, очекува максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното. Тој најави дека составот на Владата и владината програма денеска ќе ги достави во Собранието.