Ковачевски во Белград на Конференција за инвестиции во енергетиката во Западен Балкан

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска во Белград ќе учествуваат на Конференција за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, во организација на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Амбасадата на Кралството Норвешка.

Премиерот Ковачевски заедно со премиерите на Албанија, Еди Рама, и на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија ќе бидат пречекани од претседателот на Србија, Вучиќ и Андреас Б. Ериксен, заменик=министерот за енергетика и специјалниот пратеник на премиерот на Кралството Норвешка, во Палата Србија каде ќе се случува настанот.

Сите лидери од Западен Балкан е предвидено да учествуваат на официјалното отворање на Конференцијата и на панел-дискусија посветена на можностите за инвестиции во земјите од Западен Балкан од страна на норвешки инвеститори.