Кај Трамп најдени 14 кутии со строго доверливи документи

Министерството за правда на САД објави верзија на документот врз основа на кој ФБИ изврши претрес во куќата на екс претседателот Доналд Трамп во Мар-а-Лаго, на Флорида.

Документот содржи 38 страници, а една третина од нив се речиси целосно затемнети, со цел да се зачува интегритетот на самата истрага, но и да се заштитат одредени сведоци и учесници во истрагата.

Според американските медиуми, документот би можел да понуди детали за наводните криминални активности на претседателот Трамп, поради што е извршен претресот.

Наводно дури 14 од 15 кутии или вкупно 184 доверливи документи, пронајдени во одморалиштето на Трамп биле означени со строго доверливо, а пронајдени се и други посебни информации кои ги напишал самиот Трамп.

Наведено е и дека има одреден број документи кои Доналд Трамп ги зел од Белата куќа откако престанал да биде претседател, со тоа што подоцна, во текот на овој мај, биле предадени на Националниот архив.