Кастриот Реџепи на ФБ: Мојот прв настап ќе биде во понеделник, на прес-конференција

Кастриот Реџепи – пратеник од Движењето БЕСА вчера беше најчестоспоменуваното име во Собранието и поради неговото отсуство, пропаднаа надежите на опозицијата за уривање на Владата – им недостасуваше еден глас за кворум за закажаната седница.

Реџепи денеска на Фејсбук напиша дека во понеделник ќе одржи прес-конференција на која ќе информира за последните настани и за сите негови ставови.

„Следниве денови ќе имаме можност подиректно да ве информирам за сѐ. Во однос на медиумите и интересот, ги разбирам и ги информирам дека мојот прв настап ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот, апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активности. Треба да се постапува внимателно“, напиша Реџепи на ФБ.

Реџепи вчера попладне преку видео – порака на социјалните мрежи рече дека нему во прв план му се НАТО политиката и европската интеграција на земјава.