
Две прекршочни пријави – едната за неинтонирање на државната химна, а втората за неистакнување на државното знаме, добил градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу откако денеска бил повикан на информативен разговор во полициската станица „Бит Пазар“, објави 360 степени.
За ова информираше самиот Ганиу во изјава што ја даде пред полициската станица, кажувајќи дека полицијата го информирала дека добил две прекршочни пријави во врска со организацијата на посетата на косовскиот премиер, Албин Курти во Чаир. Ганиу смета дека пријавите се резултат на политичко влијание.
„Околу 13:30 часот бев поканет од началникот на полицијата ‘Бит Пазар’ да дојдам на информативен разговор. Претставени ми беа причините. Одлучено е дека во моментов имам две прекршочни пријави, а причината е посетата на премиерот Албин Курти во Чаир“, рече Ганиу.
Прекршочни пријави доби и тетовскиот градоначалник и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами. Тој на Фејсбук напиша дека комунизмот не е мртов и дека, според него, во живот го одржуваат властите заедно со Али Ахмет и Арбен Таравари.
„Ваквите обиди за страв и замолчување како во времето на комунизмот воопшто не нè плашат, продолжуваме со кренати глави. Помалку нè плашат кога овие уцени и обиди да ја попречат здружената опозиција доаѓаат од корумпирани и уценети владетели кои сега си ги бројат деновите на прсти. Времето на заплашување на Албанците, нивно апсење и носење во озлогласени полициски станици е мртво, заедно со тоа наскоро ќе умре и овој ваш комунистички режим. Вие продолжувате да бидете вазали на Белград, затоа што таму ќе завршите сите, додека ние како опозиција се среќаваме со овој народ и се плашиме само од албанскиот народ“, напиша Касами.
Министерството за внатрешни работи информираше дека се поднесени барања за поведување постапка против две општини и двајца градоначалници.
„Денеска (15.08.2023) МВР, поточно Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за општ и насилен криминал, во координација со Секторите за внатрешни работи Скопје и Тетово до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување прекршочна постапка против правните лица Општина Чаир и Општина Тетово и одговорните лица во овие правни лица, градоначалниците на овие општини В.Г. и Б.К.“, соопшти полицијата.
Според МВР, за време на посетата на Курти во Чаир и Тетово не се почитувал Законот за употреба на грбот, знамето и химната.
„Имено, за време на официјалната посета на косовска делегација на нашата држава, предводена од претседателот на Владата г. Аљбин Курти, при организираниот пречек на 11.08.2023 на ул. „Ферид Мурати“ во Скопје и градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Закон за употреба на грбот, знамето и химната на РС Македонија, односно за времетраењето на манифестациите не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл. 30 од истиот закон. МВР продолжува со потрага по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на ‘голема Албанија’ и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, вели МВР.