Кардула: Бев цел на напади заедно со моето семејство

Графички дизајнер речиси 30 години, околу илјада илустрации. Зоран Кардула е синоним за уметност.  Тој е познат по своите многубројни постери, ликовни решенија за различни настани, човек кој има широк вкус за музиката и филмот. Кардула својата креативност ја одржува со многу работа, следејќи ги трендовите.

За Трилинг откри дека иако ги следи трендовите, никогаш не го менува својот израз. Како што тој вели ,,својот стил на илустрирање е нешто по кој ме препознаваат’’. Тој ни откри повеќе за неговата приказна како влегол во светот на дизајнот, за тоа како бил мета на напади како резултат на негова илустрација, па се до приказната за неговата ќерка Ерато.

Трилинг: Постигнавте голем успех во областа на дизајнот. Од каде поттикот да се занимавате со графички дизајн, а по професија сте електроинженер. Како дојде до овој пресврт?

Кардула: Да, јас сум дипломиран електроинженер, но во периодот по моето дипломирање се случи и распадот на Југославија и скоро на целата нејзина индустрија. Во тој момент размислував за промена на мојата професија и некако логички ми се наметна графичкиот дизајн бидејќи тоа беше професија која беше во подем и многу блиску до мојата љубов кон уметноста и естетиката. И така од електроинженер станав графички дизајнер, но никогаш не зажалив што студирав на електро, одличен факултет.

Трилинг: Вашиот талент можеше да се забележи на Оф-фест и Скопскиот џез-фестивал, и дефинитивно како човек кој има огромни познавање во музиката и уметноста имате безброј познати изложби. Може ли да издвоите некоја изложба со која најмногу се гордеете?

Кардула: Големо е задоволството што бев дел од плеадата врвни дизајнери кои дизајнираа плакати за Скопскиот Џез Фестивал. После таа соработка започна и соработката со ОФФ Фест и еве четврта година по ред мој е дизајнот на плакатот за овој одличен фестивал. До денес сум имал многу изложби и сите ми се многу драги затоа што се работени со голема љубов и посветеност, а публиката секогаш тоа го препознава. Еве пред една недела имав изложба во Подгорица, Црна Гора како дел од прославата на големите битки на Неретва и Сутјеска како и АВНОЈ со моите илустрации со спомениците на НОБ и жените народни херои. Убав настан и потсетување дека борбата против фашизмот не е завршена. Можеби посебно место за мене има изложбата и промоцијата на Гуш и Бац која беше посветена на мојата ќерка Ерато и нејзиниот јазик. Направена со помош на 33 дизајнери и уметници, а целта беше подигање на свеста за аутизмот.

Трилинг: Кои насоки во уметноста влијаеле најмногу на вашиот финален израз?

Кардула: Во уметноста е Арт Деко стилот, Тамара де Лемпицка и Климт. Тоа се уметници чии дела многу ги сакам и доста сум ги проучувал. Во дизајнот тоа е советскиот конструктивизам, руската авангарда како и дизајнот од времето на Југославија

Трилинг: Што е најважно кога станува збор за соработка со клиентот? Какво влијание имаат клиентите врз вашата работа?

Кардула: Квалитетот на работата, довербата, добрата комуникација и почитување на рокови се предуслов за успешна соработка. На мое задоволство со моите клиенти имам одлична соработка, голем дел на тоа се должи на фактот дека тие го сакаат мојот стил на илустрирање и дизајнирање па се’ оди полесно. Веќе шеста година работам како фриленсер и наметнав стил на соработка каде не дозволувам мешање во мојот дизајн бидејќи таму каде ставам свој потпис мора да биде по мој вкус. Затоа пак клиентите добиваат голем број предлози

Трилинг: Поради една илустрација  пред речиси две години сте биле и таргет на напади на социјалните мрежи.  Дали сме премногу сензитивни на одредени ставови или не сме доволно самокритични?

Кардула: Сум бил цел на напади не само поради една моја илустрација и ставови и не само јас, целото мое семејство го има доживеано истото. Не станува збор за тоа дека сме сензитивни по некои прашања или не доволно самокритични. Едноставно се работи за непочитување на туѓото мислење, некултура, простотилук. Постои група на луѓе кои се хранат со својата злоба и истурање на омраза на дневна база. Јас едноставно не влегувам во дискусија со таа категорија на луѓе, блокирање и игнорирање е најдоброто решение.

Трилинг: Бевте дел од Шарената револуција. Активно протестиравте. Колку тогашниот граѓански крик денес ги оправда вашите очекувања ?

Кардула: Да, бев дел од Шарената револуција и горд сум на тоа. Не жалам ни за една секунда помината на улица затоа што бев на вистинската страна во борба против еден режим кој ги кршеше сите права и слободи, кој ја уназади земјата во секој поглед, кој донесе криминално богатење на поединци, кој уништи човечки судбини и кој мораше да падне. Бев на улица со идеја за подобро, поправедно општество, општество без дискриминација по било кој основ, вработување врз база на квалитет, а не партиска припадност. Вистина е дека голем дел од очекувањата не се остварија, мал дел корумпирани политичари се осудени, корупцијата е во сите пори од општеството, образованието кое беше системско уништено не е подобрено, правата и условите за лицата со атипичен развој се едвај подобрени, Скопје 2014 си остана нечепнато и низа други работи за кои имавме очекувања не се остварија. Факт е дека така деваститрано општество тешко се опоравува, но мораше подобро. Без разлика на се’ таков режим не смее никогаш да се повтори!

Трилинг: Уметниците, дизајнерите треба да почнат јавно да го искажуваат својот став преку креатива, илустрација .Тоа е нашиот јазик и мора да сме гласни”, порачавте пред неколку години. Колку денес се цени и почитува ставот на еден уметник, научник, интелектуалец…?

Кардула: Преку моите илустрации го искажувам мојот став за нештата. Така ми е наједноставно и сметам дека визуелната порака е секогаш помоќна. Не знам дали се цени или почитува, но јас така избирам да го кажам својот став. Политиката е наше секојдневие и не смееме да бидеме неми набљудувачи. „Политика не ме интересира” е празна фраза бидејќи се’ е политика. Треба да се биде конструктивен критичар и мислам дека е тоа најдобар начин да се поправат нештата. За жал кај нас има многу малку конструктивна критика, а многу говор на омраза и беспредметни критики.

Трилинг: Уште една ваша констатација „Разумот и солидарност мора да победат”. Дали во едно поларизирано општество тоа е возможно?

Кардула: Од разумот и солидарноста никогаш не треба да се откажеме и само така може да си направиме подобро место за живеење. Немам дилема дека доброто го победува злото колку и да понекогаш се чини дека е невозможно

Трилинг: Пред една година почнавте да објавувате на Фејсбук по еден збор или реченица од јазикот на вашата единаесетгодишна ќерка Ерато, чија дијагноза е аутистичен спектар на нарушување. Дали дискриминацијата кон Ерато ве направи поголеми борци и колку луѓето знаат што значи живот со аутизам?

Кардула: Пред 7 години почнав на својот ФБ профил да објавувам по еден збор од јазикот на мојата помала ќерка Ерато. Таа е во аутистичниот спектар и има развиено свој јазик кој ние по одреден период почнавме да го разбираме и да го користиме за полесна комуникација со неа. Дел од зборовите завршија во Гуш и Бац која како што спомнав погоре имаше за цел да ја подигне свеста за постоењето на аутизмот и негово прифаќање. Средствата од продажбата на книгата и илустрациите беа искористени за стручна помош (сензорна терапија, логопед и дефектолог) на деца од спектарот. Состојбата на нашата ќерка дефинитивно не направи подобри луѓе, ни отвори еден друг поинаков свет кој свет можам слободно да кажам е далеку подобар од нашиот секојдневен. Тоа е свет полн со љубов, емпатија, без злоба и лицемерие. Борбата со дискриминацијата е наше секојдневие. Нашето општество е дискриминирачко кон сите маргинализираните групи и за жал малку се прави на тоа поле.

Марија Коцева