
Подобро е да се осигура дека злоупотребите на службената должност ќе бидат почесто казнувани, отколку како сега, да биде казнет еден од сто функционери со драконска затворска казна.
Ова го изјави професорот по кривично право Гордан Калајџиев во врска со предложените измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за делата злоупотреба на службената должност и овластување.
– Ние одиме нагоре со казните, воведуваме повисоки затворски казни, а ефикасноста на казнената политика не ја постигнува целта и работи под притисок на јавноста. Не се постигнува ефект со строги и долги затворски казни, туку со редовни казни, со осигураност дека до казната ќе дојде. Треба да е извесно дека ќе бидат фатени и казнети, како што е извесно дека пајакот ќе ви го собере неправилно паркираниот автомобил. Значи, за лукратвни, коруптивни дела против службената должност поважно е да има олеснет пристап до конфискација на имотот отколку висока затворска казна. Стравот од строга казна не го дава посакуваниот ефект, затоа што ако се казнува еден од 100 функционери, другите пак ќе ризикуваат во вакви околности, си велат зошто да не, голема е можноста да профитираат, а мала да ги казнат. Многу е подобро да имаме почесто казнување и олеснет пристап до проширена конфискација на имот – вели професорот Калајџиев за „Слободен печат“.
Тој вели дека со овие измени на Кривичниот законик се олеснува проширената конфискација на имот, што е добро. Според професорот сега тешко се докажува дека конкретен имот е стекнат од кривично дело, а со измените се олеснува товарот на докажувањето.
– Не знам зошто не го забрзаат носењето на законот за граѓанска конфискација на имотот, веројатно затоа што политичарите не го сакаат, се плашат од такво решение. Тоа е дел од либералното право, многу проблематично и критикувано на Запад, ама сè повеќе земји го користат. Тоа е можност за одземање на сомнително стекнат имот, без да се утврди кривично дело – вели Калајџиев.
Тој додава дека е застапник за нова казнена политика и за зголемување на улогата на повисоките судови и повисоките обвинителства, кои треба да да настапуваат поагресивно со финансикси истраги и конфискации.
– Со затворски казни како од 19. век, со долги затвори, не се решава ништо, напротив, само се зголемуваат проблемите, оти нашите затвори се со катастрофално лоши услови. Јас сум за целосна промена, казнената политика за сите дела од Кривичниот законик да се намали за една третина. Сега во праксата во анонимни случаи судовите многу ја користат условната казна што не е лошо, ама во јавно експонирани случаи судат под притисок на јавноста. Сето тоа е разбирливо, јавноста реагира на долгогодишната неказнивост на функционерите за разни злоупотреби, но не е поената сиот бес да се истури на првиот следен случај со злоупотреба, како што е сега примерот со случајот Онкологија. Никого не бранам, но и актерите во овој случај се жртви на нефункционалниот систем кој ги оставил во комоција да ги сторат делата за кои се под истрага – вели Калајџиев.