
Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев денеска изјави дека ја одбил понудата на белорускиот претседател Александар Лукашенко Казахстан да се приклучи на Унијата на Русија и Белорусија.
– Претседателот Лукашенко му понуди на Казахстан да се приклучи на заедницата на држави. Ја ценам неговата шега. Мислам дека нема потреба од тоа, бидејќи има и други интегративни асоцијации, пред се Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) – рече Токаев на средбата со земјоделските производители на северот на Казахстан, пренесе Анадолија.
Токаев, исто така, рече дека ја негира потребата на Казахстан од нуклеарно оружје врз основа на пристапувањето на земјата кон Договорот за неширење на нуклеарното оружје, како и Договорот за сеопфатна забрана за нуклеарни тестови.
– Остануваме верни на нашите обврски според овие меѓународни инструменти. Мислам дека соработката во овој голем евроазиски регион или како што сега се нарекува „Голема Евроазија“ треба да се развива во економска насока, за која сите сме заинтересирани. Мора да создадеме вистински заеднички пазар – рече Токаев.