И понатаму е критично, се уште е во оперативна сала: Министерката за здравство за состојбата на Фицо

Премиерот Роберт Фицо е во рацете на врвни кадри кои се грижат за неговото здравје, соопшти вечерва на брифинг со новинарите министерката за здравство Зузана Долинкова. Воедно, таа им се заблагодари на сите кои досега учествувале во спасувањето на премиерот.

– Здравствената состојба на премиерот се уште е критична, тој се уште е во операциона сала и верувам дека се ќе оди добро. Држам среќа и посакувам многу сила не само на него, туку и на медицинскиот персонал кои навистина во овој момент се борат за неговиот живот“, рече таа.

Додаде дека била во контакт со спасувачките служби од првиот момент на несреќата.

Министерката повтори дека го осудува нападот врз премиерот.

– Дозволете ми да го осудам овој грозоморен чин, кој е резултат и манифестација на апсолутна човечка злоба и омраза, а пред се го осудувам како апсолутен напад врз демократијата на Република Словачка – рече таа.

Словачкиот премиер Роберт Фицо е ранет денеска во обид за атентат во градот Хандлова, во близина на Братислава. Фицо е пренесен во болница во тешка состојба и лекарите се борат за неговиот живот.

Напаѓачот е уапсен, а некои медиуми наведуваат дека се работи за познат писател (71) од Словачка.