Ислам Абази на тест и пред Советот на обвинители

Обвинителот Ислам Абази в понеделник (14.11) кога стапува на новата функција како шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, ќе се најде пред уште еден тест – пред Советот на јавни обвинители.

Тој треба да стане член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, каде што неговата сопруга треба да полага завршен испит. Поради оваа причина идната недела обвинителите во Советот ќе ја преиспитуваат одлуката дали е етички и морално Абази да ја добие и оваа функција,  само една недела од неговиот избор за наследник на суспендираната обвинителка Вилма Русковска.

„Формално нема пречка тој да биде член на Управниот одбор, бидејќи станува збор за тело кое нема никаков допир со слушателите на Академијата за судии и јавни обвинители, со оглед на тоа дека постојат посебни комисии за завршен испит и за жалби“, вели претседателот на Советот, Антонио Јолевски за ДВ. Сепак, додава тој, од морални причини на седницата в понеделник,. која ќе биде отворена за јавноста, ќе се преиспитаат сите дилеми околу случајот и ќе се слушнат мислењата на обвинителите дали постои судир на интереси со назначувањето на Абази.

Освен  Абази, на листата на предлози се најде и Фиданка Рајевска, а како заменици се предложени Бурим Рустеми и Ристе Бојаџиски. Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители го сочинуваат 9 членови. Станува збор за тело кое има надлежност да го именува и го разрешува директорот на академијата, ја избира и конституира Комисијата за приемен испит и Комисијата за завршен испит.