Одделението за внатрешни работи Кочани денеска до Основното јавно обвинителство во Кочани поднесе кривична пријава против осум лица, поради сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, пријавени се С.Ш.С. (53) од Македонски Брод, С.Ѓ. (59) од Скопје, како и З.М. (64), С.З. (61), Т.К. (42), Н.Д. (43), Г.П. (41) и М.З.С. (44), сите од Кочани. Според пријавата, тие како службени лица вработени во Државниот инспекторат за труд во периодот од 2022 година до 16 март 2025 година не ги извршувале законските обврски за инспекциски надзор.
Од МВР велат дека, иако биле должни да вршат инспекциски надзор согласно Законот за инспекциски надзор, пријавените ниту еднаш не покренале ниту воделе постапка по службена должност за утврдување на фактичката состојба во угостителски објект во Кочани. Според полицијата, тоа се случувало и покрај фактот што објектот во период од 13 години бил единствен од таков вид на подрачјето на Општина Кочани.
Во пријавата се наведува дека осомничените не спречиле незаконско работење на објектот и со тоа континуирано ги изложувале ангажираните лица на ризик, бидејќи објектот не бил проверуван и контролиран во однос на почитувањето на работничките права, како и на мерките за безбедност и здравје при работа.
Според МВР, со ваквото постапување било овозможено угостителскиот објект незаконски да продолжи со вршење на дејноста, при што била остварена противправна имотна корист во вкупен износ од 1.255.977 денари.