Инспектори во „Водовод“ утврдуваат дали вработените добивале задолженија спротивни на Колективниот договор

Во ЈП „Водовод и канализација“ денеска инспектори од Државниот инспекторат за труд и Државниот управен синдикат правеле увид во незаконските задолженија што им се даваат на поголем број вработени, кои не се во согласност со Колективниот договор за комунални дејности.

Ова го соопштија од Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РС Македонија (СУТКОЗ) при Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

СУТКОЗ, како што додаваат, испратил и барање до Управниот одбор на „Водовод“ за поништување на задолженијата како спротивни на законот и Колективниот договор.

Претседателот на СУТКОЗ и ССМ, Дарко Димовски, оствари и средба со в.д. директорот, на која му укажа на сите неправилности и постапувања спротивни на законот и Колективниот договор од страна на новото раководство.

„Очекуваме Државниот инспекторат за труд, Државниот управен инспекторат и Управниот одбор на претпријатието да ги констатираат неправилностите и да ги поништат незаконските задолженија“ – наведуваат од Синдикатот.

Воедно, од Синдикатот посочуваат дека стотина фамилии се оставени без егзистенција откако новиот в.д. директор на „Водовод“, Марјанчо Митовски, не ги продолжи договорите за вработување на околу 100 вработени од претпријатието кои биле вработени на определено време.