„Има бугарски политичари кои ги влошуваат односите со Македонија“

„Има бугарски политичари на кои не треба да им биде дозволен влез не само во Република Северна Македонија, туку не треба да им се дозволи да бидат и на бугарската политичка сцена. Тоа се бугарски политичари кои сакаат Бугарија да се одвои од Европа. Тоа се политичари кои одржуваат референдуми за отцепување од Европа, против еврото, а можеби и за влез во зоната на рубљата. Тоа се политичари кои отворено ги бранат интересите на Кремљ во Бугарија“, вели во интервју за БТВ Новините поранешниот бугарски министер за одбрана и експерт за национална безбедност Бојко Ноев.

Според него не може да ги држиме затворени очите пред фактот дека реално има бугарски политичари кои ги влошуваат односите со Северна Македонија и им даваат повод на македонските власти да најдат оправдување тогаш кога се тепаат бугарските граѓани и македонски Бугари.

Во интервју за БТВ Ноев ги коментираше изјавите на македонскиот претседател Стево Пендаровски дека треба да се забрани бугарски европратеник и некои политичари да присуствуиваат на чествувањето за Гоце Делчев на 4 февруари во Скопје, бидејќи имало информации дека некои од нив се поврзани со руските служби.