Изгласан е новиот Закон за минимална плата

Во македонското Собрание со 90 гласа ЗА, без ниту еден воздржан или против, денеска беа изгласани измените на Законот за минимална плата, со што ќе се овозможи нејзино покачување на 18.000 денари.

На денешната расправа за Предлог измените на Законот се слушаа различни мислења од пратениците од партиите и од власта, и од опозиција.

Пратениците од владејачкото мнозинство сметаат дека со ова законско решение ќе се подобри животниот стандард на околу 80.000 работници кои земаат минимална плата, а пратениците од опозицијата изразија жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати бидејќи инфлацијата влијае на животниот стандард на сите работници.

Зголемувањето на минималната плата е барање на синдикатите, според кои, се работи за егзистенцијална потреба на работниците имајќи го предвид зголемувањето на животните трошоци и фактот што две минимални плати се малку за да се покрие минималната синдикална кошничка.