Земјите од ЕУ испраќаат помош во Франција за гаснење на пожарите

Пожарот во регионот Жиронд, еден од неколкуте големи пожари што горат во Франција, принуди илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.

Шест земји од Европската унија испраќаат противпожарни тимови и опрема во Франција додека се бори со шумските пожари, а ситуацијата е најлоша во југозападниот дел на земјата каде илјадници луѓе се принудени да се евакуираат, соопштија официјални лица во четвртокот.

Поголемиот дел од земјата е под топлотен бран влошен од рекордната суша, услови за кои повеќето експерти велат дека почесто ќе се случуваат како последица на брзите климатски промени, пренесува Фена.

„Мораме да продолжиме, повеќе од кога и да е, нашата борба против климатските нарушувања и да се прилагодиме на ова нарушување на климата“, рече француската премиерка Елизабет Борн по пристигнувањето во пожарната станица во селото Хостенс, јужно од Бордо, пишува АФП.

Европската комисија соопшти дека во Франција ќе бидат испратени четири противпожарни авиони од Грција и Шведска, а на пат се екипи од Австрија, Германија, Полска и Романија.

„Нашите партнери доаѓаат да и помогнат на Франција против пожарот. Заблагодарете им се. Европската солидарност работи“, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер.