За експертите буџетот е инфлаторен, за креаторите – развоен

За експертите буџетот во овие услови е инфлаторен, додека неговите креатори му го даваат епитетот развоен. Поранешниот министер за финансии, а сегашен претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески смета дека добиваме буџет кој и понатаму ќе ја подгрева инфлацијата, наспроти тврдењата на експерти на власта дека инфлацијата е увезена.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, оценува дека инфлацијата ќе почне да се намалува следната година, но цените на енергентите и на храната на меѓународните пазари ќе останат повисоки, затоа стапката е проектирана на 7,1%, ќе се намали на 2,5% во 2024 година, додека среднорочно ќе се сведе на 2%

Државниот буџет за 2023 година, кој влегува во Собраниска процедура, е изненадувачки висок и на страната на приходите (282 милијарди денари) и на страната на расходите (324,8 милијарди денари) и е со буџетски дефицит од 42,8 милијарди денари.

За експертите буџетот во овие услови е инфлаторен, додека неговите креатори му го даваат епитетот развоен, затоа што се заснова на „златното правило“ во јавните финансии, а тоа значи капиталните расходи да бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно да се позајмува само за проекти кои ќе дадат додадена вредност во економијата, ќе го забрзаат растот и придонесат за подобрување на животот на граѓаните.

Поранешниот министер за финансии, а сегашен претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, смета дека добиваме буџет кој и понатаму ќе ја подгрева инфлацијата, наспроти тврдењата на експерти на власта дека инфлацијата е увезена.

– Тоа не е точно. Јасно е дека како земја со највисока стапка на инфлација во регионот, а можеби и во Европа, инфлацијата е предизвикана во голем дел од домашни фактори, што субјективни, што објективни, како што се ефектите од помошта за време на ковид-кризата. Дел од таа помош, се разбира, беше од популистички побуди за купување гласови, потоа притисокот за раст на платите во номинален износ што Владата го прикажуваше како голем успех во услови кога опаѓаше продуктивноста на трудот во македонската економија, секако има инфлаторен ефект. Зголемувањето на платите и кај минималната и кај просечната е целосно изедено од инфлацијата – смета Славески.

Тој појаснува дека буџетот е инфлаторен бидејќи не ѝ помага на Централната банка во борбата против инфлацијата.

– Инфлацијата е штетна бидејќи ги погаѓа во најголем дел најсиромашните. Инфлацијата во областа на храната и енергијата е највисока, надминува 30 до 50 проценти. А овие производи учествуваат во најголем дел во потрошувачката кошничка на домаќинствата што примаат минимална плата или се посиромашни – смета Славески.