Започна билатералниот скрининг како дел од официјалниот старт на преговори на Република Северна Македонија со ЕУ

Република Северна Македонија попладнево во Брисел го започна билатералниот скрининг процес. Северна Македонија од осамостојувањето во 1991 година, јасно и недвосмислено ја изрази својата стратешка определба за полноправно членство во НАТО и ЕУ и со сиот свој административен и општествен капацитет беше посветен да ги постигне овие цели.

На денешниот состанок обраќања имаа заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Вицепремиерот Маричиќ истакна дека 21 година по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација и 17 години како земја-кандидат за ЕУ, со денешниот состанок за отпочнување со скрининг процесот конечно влегуваме во последната фаза од нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ.

„Како вицепремиер за европски прашања заедно со мојата институција, Секретаријатот за европски прашања, како главно координативно тело за преговарачкиот процес во Северна Македонија, ќе ги насочиме нашите напори во обезбедување непречен тек на преговарачкиот процес во сите негови аспекти преку мобилизација на администрацијата бидејќи таа се смета за столб на овој процес. Во наредните недели ќе ја финализираме ревизијата на актите за преговарачката структура од 2019 година и ќе ја операционализираме.