Заврши снимањето на „Слушни ме“ – филмот за Слаткар и прифаќањето на различностите
После повеќе од две години работа на проектот и месеци интензивна продукциска работа, заврши снимањето на „Слушни ме“, музичко-документарен филм создаден според идејата и вистинската животна приказна на раперот Марко Маринковиќ – Слаткаристика.
После повеќе од две години работа на проектот и месеци интензивна продукциска работа, заврши снимањето на „Слушни ме“, музичко-документарен филм создаден според идејата и вистинската животна приказна на раперот Марко Маринковиќ – Слаткаристика.
Филмот, во копродукција на „ОХО Продукција“ и „Иноватива Груп“, зборува за пелтечењето, прифаќањето на различностите и храброста да се пронајде сопствениот глас. Последната клапа беше одбележана со заедничка прослава на филмската екипа, Слаткар, децата кои учествуваат во филмот и нивните родители, претставници од Институтот за слух, говор и глас, соработници и пријатели на проектот. Средбата ги обедини луѓето чии искуства, доверба и посветеност станаа дел од создавањето на филмот.

– Уште кога ја слушнав приказната на Марко, во неа препознав нешто што може да допре до луѓето насекаде во светот. Приказна за несигурноста, упорноста и храброста да се изразиш. Горд сум на екипата и на сите што ни ја дадоа својата доверба, особено на децата и нивните семејства, изјави Пеце Талески, продуцент од „ОХО“.
Со завршувањето на снимањето, „Слушни ме“ влегува во следното поглавје – постпродукција и подготовки за претставување пред публиката на почетокот на следната година. Премиерата се очекува во првата половина на 2027 година.
„Слушни ме“ го следи животниот пат на Слаткар, од детството и соочувањето со говорните тешкотии до пронаоѓањето на сопствениот израз преку музиката. Преку лични сведоштва, музика, играни сегменти од неговото детство и работилници со деца, филмот отвора прашања за самодовербата, предрасудите и поддршката што може да направи разлика во нечиј живот.

– Многу сум среќен и горд. Ова е мојата лична приказна, но и приказна на многумина кои во неа ќе препознаат дел од себе. Благодарен сум на „ОХО“ што веруваа во идејата и на целиот тим што ја претвори во филм. Голема благодарност до сите учесници, несебични пријатели и поддржувачи, заедно правиме големо дело. Посебна благодарност до децата и нивните родители за искреноста и довербата, како и до сите вработени во Институтот за слух, говор и глас. Со овој филм посакувам секое дете што се соочува со говорни или какви било други тешкотии да знае дека не е само и дека и неговиот глас е важен, истакна Слаткаристика.

Режисер на филмот е Раша Петровиќ, сценариото е на Кристина Ризоска.
Важна улога во раскажувањето на приказната има и оригиналната музика, дел од неа е снимена во студиото „Фејмс“ (FAME’S) во Скопје, со оркестар составен од млади музичари од Европа и светот, учесници на Институтот „Фејмс“.