Жешко политичко лето пред пратениците, Комисијата за уставни прашања за 25 јули го закажа почетокот за уставните измени

Пратениците летово ќе ги намалат деновите за одмор имајќи предвид дека Предлогот за уставни измени влезе во Собранието, а претседателот на законодавниот дом Талат Џафери за во вторник, 25 јули го закажа почетокот на Комисијата за уставни прашања. Гласањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот испратен од Владата треба да биде на седница закажана за 18 август.

Владата ја донесе одлуката за уставни измени завчера на 171. седница останувајќи на своите заложби за продолжување на евроинтеграцискиот пат на земјата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ и партиите во нејзината коалиција остануваат на ставот дека се за ЕУ, но не, како што велат, по цена на бугарски диктат. За нив, предложените уставни измени се неприфатливи и неразумни.

Собранието вчера во соопштение ја објасни првата од трите фази од носењето на уставните измени, што би требало да се донесат до крајот на ноември, кога завршува и скринингот за земјата по што треба да се одржи втората меѓувладина конференција и земјата да почне со отворање на кластерите.

Доколку, со двотретинско мнозинство се усвои потребата за носење на уставните измени, Собранието усвојува Заклучок и го праќа материјалот до Владата. Собранието, со Заклучокот утврдува рок во кој подносителот односно Владата, изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што законодавниот дом во соодветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив.

Како што објави Владата, интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.

Премиерот Димитар Ковачевски очекува да има плодна и конструктивна дебата за уставните измени и дека ќе има натпартиски консензус за продолжување на европската интеграција на државата.

-Владата информираше преку соопштение и преку објавување на интегралниот текст на Предлог иницијатива за уставни амандмани дека одлуката едногласно е донесена и доставена вчера до Собранието. Собранието согласно своите процедури ќе ја организира прво работата на Уставната комисија, потоа и на пленарна седница. Бидејќи евроамбасадорот е тука, многу јасно кажува дека сега од нас зависи, од одлуките што ние ги носиме, како и на кој начин и колку брзо ќе го продолжиме и завршиме патот на европската интеграција, изјави вчера Ковачевски.

Премиерот смета дека се работи за уставни измени кои што, како што рече, не задираат во ниту едно идентитетско прашање.

-Вчера беа објавени, немаше ниту негативен коментар ниту во медиумите, ниту каде било. Ние сме мултиетничко мултипрофесионално општество кое што е пример за Европа во мало. И сметам дека нашите 120 пратеници на број во Собранието ќе имаат и визија, и доблест и храброст да донесат одлука која што ќе значи европска интеграција на државата и пред се обезбедување на подобра европска иднина за сегашните и за идните генерации, рече Ковачевски.

СДСМ, чиј претседател е Ковачевски, вчера ги повика сите пратеници на одговорност, да се вклучат во дискусијата во Собранието и да ги поддржат уставните измени.

-Сите 120 пратеници, како претставници на народот и избрани од народот, имаат обврска на прво место да ги стават граѓаните, да ги стават државните, национални и стратешки интереси, истакна пратеникот Мартин Костовски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, повтори дека уставни измени вакви какви што се и под бугарски диктат, на начин како се доставуваат до Парламентот, не само што не се прифатливи, туку Владата дополнително го усложнува процесот со тоа што дефинира текст на уставни измени којшто не само што е неприфатлив, туку е и неразумен.

Според Мицкоски, предлогот каков што е, дополнително ги загрозува позициите на земјава во рамки на напредокот кон ЕУ.

-ВМРО-ДПМНЕ вака како што е овој процес предвиден од страна на Ковачевски и вистинскиот во Владата ДУИ нема да го поддржи, а како ќе се однесуваме на Комисијата и во Парламентот ќе утврдиме на координација со пратеничката група, истакна Мицкоски.

Почетокот на собраниската процедура за промена на Уставот се совпадна со годишнината од првата меѓувладина конференција со ЕУ. Министерот за надворешни работи Бујар Османи напиша на социјалните мрежи дека ни претстојат уште неколку месеци за да се подготвиме за отворањето на кластерите и поглавјата и да го продолжиме преговарачкиот процес. -Клучот е кај нас, потребно е сите да покажеме политичка одговорност, зрелост и одговорност кон сегашноста и иднината на земјата, напиша Османи.

На неколку месеци пред завршувањето на скрининг фазата од преговорите, напиша на Фејсбук вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, ги имаме сите потребни капацитети за отворање на поглавјата и за влез во новите процеси од нашата европска интеграција. За тој чекор, додава, неопходни се одговорни одлуки од пратениците изразени низ потребните уставни надополнувања.

-Само на тој начин нема повторно да заглавиме во чекалната и во изолации и само на тој начин ќе ја оствариме целта – МК во ЕУ до 2030 година, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Претседателот на државата Стево Пендаровски не е оптимист дека ќе се случат уставните промени, односно дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го смени ставот и ќе гласа за нив. Уверен е дека во противењето, поточно во кочењето на евроинтегративниот процес на земјата, партијата гледа шанса да дојде на власт. Странските дипломати, вели претседателот, им укажуваат на опозиционерите за сите последици од нивниот став, но не им вршат притисок.

– Јас сум еден од ретките, да не речам единствен од оваа структура што сега е на власт кој вели според изјавите што доаѓаат од опозицијата во овој момент е јасно дека нема две третини. Јас не велам дека не се разговара со пратеници, но од она што го гледам од средствата за јавно информирање, не можам да видам дека таму се менува расположението макар и кај еден пратеник за да можам да тврдам дека ќе има уставни измени. Велам треба да има, императив е да има, затоа што ако нема, ние практично остануваме во една посебна подгрупа со Босна и со Косово. И ако до 1 декември не го смениме Уставот, можно е Албанија и Црна Гора да тргнат забрзано кон Европа, а ние сами себе да се блокираме, потенцира претседателот во интервју за „Слободен печат“.

Во изминативе две недели поддршка и пораки да се направат уставните измени упатија министри од неколку европски држави кои беа во Скопје на средби со власта и опозицијата. Тие сметаат дека сега е моментот да се продолжи со европскиот пат односно за промена на Уставот, но и дека е неопходно да се работи на реформите, почнувајќи од владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, реформата на јавната администрација и друго.

Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера изјави дека за ЕУ е важно да има јавна дебата поврзана со уставните измени и дека тоа што се случи со усвојувањето на текстот за уставните измени во самата Влада, го поздравуваат.

Прашањето во врска со уставните амандмани, вели Гир, е суверена одлука на вашата земја, тоа е прашање што треба да го адресира вашата земја.

Порачува пратениците во Собранието кога ќе ги разгледуват предлозите, односно текстот на уставните измени, секогаш пред нив да го имаат националниот интерес на државата и на ум да ја имаат европската иднина на земјата.

Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар во дебата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД посочи дека Вашингтон го поддржува процесот за уставни измени што ќе го овозможи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, но дека е ангажиран и со новата влада на Бугарија за да се осигура дека нема да поставува нови барања.

-Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори, рече Ескобар.

То нагласи дека Северна Македонија и Албанија веќе ги отвориле пристапните преговори со ЕУ и се цврсти партнери на САД и сојузници во НАТО, кои се залагаат за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Ескобар истакна дека евро и евроатлантската интеграција се од клучно значење за да се намали влијанието на штетните актери во регионот, како што се Русија и Кина, но и на корумпираните локални актери, кои имаат за цел да го дестабилизираат регионот и да ги попречат интеграциите, преку проширување на своите влијанија.