ЕУ ќе подели 200 милиони од Планот за раст на Македонија, Црна Гора и Албанија, Србија ќе извиси

Европската Унија во наредните денови ќе додели близу 200 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора поради имплементацијата на Планот за раст за Западен Балкан, најави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Европската Унија во наредните денови ќе додели близу 200 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора поради имплементацијата на Планот за раст за Западен Балкан, најави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

„Имам многу јасна порака – има место за сите земји од Западен Балкан во Европската Унија. Проширувањето е приоритет за ЕУ и ако кандидатите ги исполнат условите, тогаш и ние мора да го исполниме ветеното“, изјави Кос пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи.

Кос нагласи дека ЕУ веќе ги исполнува своите обврски, потсетувајќи дека по 17 години е воспоставена работна група за договор за пристапување со нова држава – Црна Гора. Таа ја поздрави и целосната интеграција на Србија во Единствената европска платежна област(СЕПА), со што се приклучи на Албанија, Црна Гора и Северна Македонија (поради лапсус Кос двапати ја спомена Црна Гора место Македонија), каде веќе се воведени побрзи и поевтини меѓународни трансакции.

Во исто време Европската комисија испрати една од најјасните пораки до Белград досега: Србија има место во Европската Унија, но само ако не назадува во владеењето на правото. Кос изјави дека од усвојувањето на спорните правосудни измени, познати во српската јавност како „закони на Мрдиќ“, Србија не добила ниту едно евро од европскиот План за раст. Формална одлука за замрзнување, според неа, нема, но исплати нема додека не се исполнат критериумите.

Пораката доаѓа во чувствителен момент за Србија, која веќе подолго време е под засилен надзор од Брисел поради состојбата со правосудството, медиумите, изборните процеси и односот кон протестите. Кос нагласи дека кандидатскиот статус не е само политичка декларација, туку обврска за напредок. Од земја кандидат, порача таа, се очекува да оди напред, а не да назадува во клучни области.

Суштината на спорот се измените во правосудните закони што српската владејачка коалиција ги усвои во јануари. Тие беа критикувани како чекор што ја ограничува независноста на судството и обвинителството. Венецијанската комисија во април оцени дека законите имаат сериозни слабости, дека биле донесени без доволна јавна дебата и без суштински консултации со домашните правни актери, а посочи и препораки што Србија треба да ги спроведе.

Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан не функционира како класична финансиска помош, туку како условен механизам. Парите се врзани за реформи, рокови и проверливи резултати. Европската комисија наведува дека исплатите зависат од исполнување на претходни, општи и конкретни услови, меѓу кои се демократските механизми, владеењето на правото, макрофинансиската стабилност, транспарентноста и реформските чекори од националните агенди. Ако условите не се исполнети, Комисијата може да ја суспендира или намали исплатата.

За Србија, проблемот е што токму владеењето на правото стана точка на застој. Белград тврди дека нема формално замрзнување на средствата, но европската порака е практична и директна: додека не се поправи состојбата во правосудството и додека не се применат препораките на Венецијанската комисија, нема нова финансиска поддршка. Во прашање се околу 1,5 милијарди евра од европските фондови, од кои Србија досега добила 110 милиони евра.

Во таа рамка, Србија станува тест за новиот пристап на ЕУ кон проширувањето. Брисел веќе не сака само формална усогласеност и декларативна европска реторика, туку конкретни институционални гаранции. Тоа особено важи за земји во кои реформите на хартија се претставуваат како европски чекор, а во пракса отвораат сомнежи за политичка контрола врз судството, обвинителството и независните институции.