ЕУ подготвува нови санкции „за да го натераат Кремљ да плати“

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи нов сет санкции за Русија. Ваквата најава следи по таканаречените референдуми во четири украински региони за приклучување кон Русија, што од страна на Западот и Обединетите нации беше наречено измама, оти се незаконски според меѓународното право.

Фон дер Лајен го предложи новиот пакет санкции на 28 септември, велејќи дека тие се дизајнирани „да го натераат Кремљ да плати“ за ескалацијата на конфликтот во Украина.

„Не прифаќаме лажни референдуми, ниту каков било вид анексија во Украина и решени сме да го натераме Кремљ да ја плати цената за оваа понатамошна ескалација“, изјави таа за новинарите во Брисел.

Предложениот осми пакет санкции вклучува дополнителни забрани за увоз на руски производи кои треба да ја лишат Москва од дополнителни 7 милијарди евра приходи.

Новите санкции вклучуваат поголема забрана за извоз на технологија што ја користи војската, како што се авионски производи, електронски компоненти и специфични хемиски супстанции“, рече фон дер Лајен.

„Покрај тоа, пакетот санкции ќе постави правна основа за ограничување на цената на нафтата и ќе забрани државјани на ЕУ да бидат во управни тела на руските државни компании“, рече таа.

Со новите санкции ќе бидат опфатени и службениците одговорни за таканаречните референдуми.

Предлогот на Фон дел Лајен за нов пакет санкции сега ќе оди на одобрување до 27-те земји-членки на ЕУ. Тие ќе мора да ги надминат разликите за да се постигне потребната едногласност.