Ердоган ги повика земјите од Централна Азија да ја зајакнат соработката со Анкара

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Узбекистан ги повика туркојазичните земји од Централна Азија да ја зајакнат соработката со Анкара.

Против војната во Украина и чувствителниот и ризичен период, „треба да ја зајакнеме соработката, солидарноста и хармонијата“, рече Ердоган на самитот на Организацијата на туркофонските земји.

Тоа е трета посета на турскиот претседател на Централна Азија за два месеци, што е знак на напорите на Ердоган да ги зајакне врските со поранешните советски републики од турско говорно подрачје, со кои тој споделува културни, јазични и верски врски.

Ердоган на самитот во Самарканд побара формирање на турски инвестициски фонд кој ќе овозможи зајакнување на економската соработка.

Организацијата основана во 2009 година како „Турски совет“ обединува четири поранешни советски републики – Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан, додека две земји се набљудувачи, имено Туркменистан, друга поранешна советска република и Унгарија.

Со оваа организација Турција се надева дека ќе го зголеми своето влијание во регионот во кој со децении доминира Москва, која и по падот на Советскиот Сојуз ја задржа својата основа преку воени и економски сојузи.

Сепак, руската инвазија на Украина на крајот на февруари предизвика загриженост кај тие земји, кои се свртуваат кон други земји, како Кина, Турција или европските земји.