Дурмиши: Во понеделник закажан состанок со производителите и со дистрибутерите, ќе се разговара за продажните цени и набавните цени на големите количини
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, по седницата на Економско-социјалниот совет одговарајќи на новинарски прашања во однос на контролите на Државниот пазарен инспекторат, истакна дека контролите за над 700 производи покажале дека во периодот од мај 2025 година до мај 2026 година, просечните набавни цени кај основните прехранбени производи и средствата за хигиена се зголемени за 2,66 проценти, додека просечните продажни цени пораснале за 4,56 проценти.

– Тоа значи дека дел од растот на малопродажните цени на прехранбените производи и другите производи се зголемуваат поради бруто-профитната маржа која што одредени трговци ја зголемиле оваа година, односно кога се намалиле набавните цени, они не ги намалиле своите цени, рече Дурмиши.
Тој додаде дека за понеделник е закажан состанок со производителите и со дистрибутерите, на којшто ќе се разговара за продажните цени и набавните цени на големите количини.
Дурмиши посочи дека најновите податоци од Државниот завод за статистика се дека овој месец имаме намалена инфлација за 0,5 проценти, што значи дека по неколку месеци веќе имаме намалување на инфлацијата, а тоа е – цените на храна и безалкохолни пијалаци се намалени за 1,1 проценти, а транспортот за 1,6 проценти.
- Од друга страна, најновата анализа што е направена, исто така за периодот март-јуни 2026 година, покажува поинаков тренд кај производителите, односно набавните цени пораснале за околу 2,04 проценти, додека продажните цени се зголемиле за само 0,16 проценти. Тоа значи дека трендот на зголемување на бруто-профитната маржа крајните месеци е намален и цените се во стабилна фаза. И за една година, како што кажав и во говорот, се зголемила само бруто-профитната маржа од страна на трговците, но тоа не е за овие крајните месеци. Крајните месеци, од март до јуни годинава, имаме само 0,16 проценти зголемување на бруто-профитната маржа, што покажува дека е во стабилна состојба, рече Дурмиши.
Во однос на потрошувачката кошничка, истакна дека денеска таа точка не била на дневен ред.
– Таа беше еднаш ставена на дневен ред на Економско-социјален совет, беше разгледана од сите чинители, односно од сите претставници на Економско-социјален совет. Ги чекаме нивните забелешки, нивните предлози. Таа веќе влегува во националната стратегија. И на наредните седници на ЕСС ќе биде разгледана од сите претставници од ЕСС и нормално дека ќе биде достапна и за јавноста, рече Дурмиши.