Дрин Ахмети со само 368 илјади евра приход лани, стигнал до 39% од Соравиа

Мала фирма, со познато политичко презиме, со кратко прво име, но и со краток буџет успеа да стаса до 39% од над 30 милиони евра вредниот Соравиа центар во срцето на Скопје. Централниот регистар ги процесуираше финансиските податоци на фирмата Тхор индустриес на внукот на Али Ахмети, Дрин. Покажуваат дека лани фирмата „Тхор“ ги остварила првите приходи откако две години имала само расходи и давачки, објавува Телма.

Внукот на Ахмети прикажал дека неговата фирма имала приход од околу 368 илјади евра со профит односно добивка од околу 60 илјади евра. Добивката е помала од сите расходи на Тхор од формирањето до сега што значи дека таа била во минус додека со Австријците преговарала за да го купи Соравија заедно со фирмата од Албанија Пе-вла-ку.

Нулите не се новост во работењето на Дрин Ахмети кој на прес конференцијата тврдеше дека се пробива со добри идеи кои ги прифаќаат неговите бизнис партнери, кои пак ги обезбедуваат парите. Затоа и со нула вложени евра добил 39% од Соравиа. Интересно е што иако има само 368 илјади евра приходи во 2022-ра, претходната 2021-ва година „Тхор“ и другата фирма на Дрин Ахмети, „Еверест ЏД“ заедно зеле кредит од 150 илјади евра за што ги заложиле подвижните ствари на Еверест. И покрај овој економски биланс, сепак Тхор реализира огромен удел во Соравиа центарот. Според министерот Спасовски податоците отвараат можност и за истрага.

Спасовски бил еден од министрите кои не биле на владината седница во мај 2019-та кога токму Еверест на Дрин Ахмети добила концесија за изградба на мала хидроцентрала на Бачишка Река во Кичевско. Одлуката за концесијата ја потпишал тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, а на седницата меѓу другите министри учествувале и гласале за внукот на Амети да добие хидроцентрала и сегашните членови на владата Бујар Османи и Крешник Бектеши.

Министерот беше прашан и дали во актуелноста полна со скандали и сомнителни инвестиции на луѓе блиски до политичарите треба да има оставки. Вели дека обвинителството треба да истражува за законските прекршувања, а за функционерите етиката се мери во владата.

На крајот на мај беше склучена зделката за продажба на Соравија на фирма која е на внукот на лидерот на ДУИ, а тој јавно соопшто дека првите пари ги дал неговиот партнер фирмата Пе-вла-ку на Владимир Пјетерѓокај од Албанија.