Драмски со две изведби на претставата „Плејбои…“ гостува во Белград
Драмски театар Скопје првиот дел на сезоната го заокружува со гостување во Белградскиот драмски театар. Вечерва и утревечер во 20:30 часот ќе се изведе претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.

Во копродукциската претставата играат актери од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).
Од Драмски потсетуваат дека претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ минатата година два месеца се подготвуваше на сцената на Драмски театар Скопје и освен актерите и уметниците од ансамблот на Драмски театар истовремено беше ангажирана и целата техничка екипа од одделите на светло и тон мајстори, гардероба, кројачница, столарска работилница, атеље за изработка на сценографија и скулптура, оделот за фризура и шминка и сите останати одели во Драмски.
Претставата е реализирана како проект произлезен од повеќегодишната заедничка соработка на театарските куќи членки на Регионалната унија на театри основана во 2019 година. Регионалната унија со веќе етаблираниот фестивал РУТА, преку своите шест изданија во текот на годината, освен што овозможува публиката во целиот регион во континуитет да ги следи најгледаните продукции во своите театарски центри, успешно се справи со предизвикот соработката да ја издигне на повисоко ниво и да создаде копродукциската претстава на четири уметнички куќи. Со претставата „Плејбои…“, минатата година е одбележана петтата годишнина од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.
По премиерата во август минатата година во Будва на фестивалот „Град театар“, претставата гостуваше на летните сцени на Охридско лето и на Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје, Белград, Љубљана, Тиват.