До недела ќе се готови резултатите од вештачењата за автобуската несреќа во Бугарија

Помина повеќе од еден месец од автобуската несреќа на автопатот „Струма“ кај Перник во Бугарија, а бугарските истражни служби велат дека до недела најверојатно ќе се готови резултатите од вештачењата.

Шефот на бугарската Национална истражна служба – Борислав Сарафов изјави дека според податоците, брзината на автобусот била несоодветна со условите на патот.

„Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 километри на час. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач“ – рече Сарафов.

Тој смета дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките иако тие можеби придонеле за неа, но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина.

Истрагата досега покажа дека автобусот од се уште непозната причина скршнал вдесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги дели двете ленти на автопатот.

Во автобуската несреќа на автопатот „Струма” во Бугарија што се случи на 23 ноември загинаа 45 лица, од кои 12 деца, а седуммина беа повредени.