![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2022/11/luka-pavikjevik-pretsedatel-na-sojuz-na-srednoskolci-696x464-1-696x430.jpg)
Mенталното здравје кај учениците веќе е нарушено затоа што дојавите на бомби создаваат тензија, вели за „Слободен печат“ Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци.
Тој упати апел до надлежните институции што е можно побрзо да го најдат сторителот кој стои зад овие пријави, без оглед дали истиот е од Македонија или странство.
„Покрај учениците, морам да потенцирам дека и професорите се оптоварени со ваквите настани. Знаете, самата помисла дека во вашето училиште има поставено бомба е премногу страшна. Затоа, анализирајќи ги геополитичките околности, мора да сфатиме дека темата е доста сериозна“, рече тој.
Осумпати досега скопски училишта добија лажни дојави за поставена бомба. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека целта на лажните закани за бомби е да се предизвика дестабилизација и несигурност.