Дојава за бомба во Ректоратот на универзитетот во Приштина

Полицијата на Косово го опколи Ректоратот на државниот универзитет „Хасан Приштина“ во центарот на престолнината, откако повторно била добиена дојава за наводно подметната бомба.

Анонимна дојава за подметната бомба во истиот објект имаше и пред една недела, кога полицијата утврди дека заканата е лажна. Ден подоцна поради исто така лажен аларм беше евакуриано и едно средно училиште во Приштина.

Од косовската полиција информираа дека како и во претходните случаи, заканата била испратена по електронска пошта.

Веднаш по добивањето на информацијата на местото на настанот пристигна анти-минерски тим од полицијата, кој ги евакуира присутните и го изолира објектот и дворот на Ректоратот со полициски ленти. Се покажа дека дојавата е лажна.