Техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев, денеска ќе одржи средба со шефовите на Министерството за внатрешни работи, безбедносните служби и претставници на обвинителството за да разговараат за истрагата на институциите по вчерашната експлозија врз колоната автомобили на главниот обвинител Иван Гешев, јави БНР.
Според информациите од истрагата, пред автомобилот во кој се наоѓал Иван Гешев и неговото семејство вчера претпладне била активирана експлозивна направа. Во експлозијата нема повредени. Главниот секретар на МВР, Петар Тодоров, вчера прв даде изјава за инцидентот.
Како што изјави тој, формиран е штаб во кој покрај Министерството за внатрешни работи на Бугарија учествуваат и претставници на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС). Истовремено, Тодоров го најави и денешниот состанок свикан од премиерот Донев.
„Ќе учествуваат и министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев и претставници на службите на МВР, Националната служба за безбедност, Обвинителството. Ќе ги спроведеме сите наредби што ќе ги даде Обвинителството во случајот“ – рече Тодоров.
Заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов изјави дека експлозијата била насочена кон автомобилот на Гешев и целта била негова ликвидација.
„Очигледно е дека јавниот обвинител е цел на некого и не станува збор само за заплашување. Целта била да се убие. Бомбата не беше само големо количество на ТНТ, не помалку од три килограми, како што првично мислеа експертите, туку имало и шрапнели. Очигледно експлозивната направа била наменета да убие“ – кажа Сарафов.
Во моментов, како што пренесуваат бугарските медиуми е отворена истрага за терористички акт, во која се ангажирани сите ресурси н Државната служба за национална безбедност (ДАНС) и на Министерството за внатрешни работи.
Специјализираните служби на Бугарија извршија увид на местото на експлозијата, а во тек е вештачење на експлозивот, неговото точно количество, а се бара и детонаторот.
Повеќе информации за случајот, наведува БНР, се очекуваат денеска по состанокот што го свика техничкиот премиер Донев.
За денеска во 11 часот, обвинители, истражители и судски службеници најавија протест ширум Бугарија во знак на поддршка на јавниот обвинител. Целта на мирниот протест, како што се наведува, е да се покаже единство против обидите за нивно заплашување.