Димовски на надзор во Собрание поради пропустите на тајната служба со државјанството на Украинец гонет за корупција

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски кој 4 дена молчи за скандалот со доделувањето на државјанство на украинец гонет за корупција, проституција и ширење дезинформации за да влијае на американските избори, ќе треба да се појави точно напладне во среда пред надзорната собраниска комисија.

Ќе треба да објасни како службеници на АНБ го пропуштиле низ безбедносниот филтер, Олександр Онишченко поврзан со матни корупциски зделки во родната Украина и ставен на црната американска листа поради поткопување на демократијата.

-Тој (Виктор Димовски) е најповикан да одговори. Лично сум многу загрижен во врска со издавањето на македонски државјанства и на македонски пасоши веќе имам чувство дека секој втор хоштаплер и криминалец има во џебот македонски пасош и според мене сметам дека тоа е сериозен предизвик и аномалија во безбедносниот сектор во државата, истакна Љупчо Пренџов, претседател на собраниска комисија за надзор на тајните служби АНБ и АР.

Онишченко станал македонски државјанин како спортист во еквестријан по предлог на спортската коњичка федерација.

Утрово оттаму ни изјавија дека актуелното раководство не го барало украинецот за спортист и иден олимпиец туку претходниот претседател кој заминал од федерацијата пред десетина месеци,а бил познат по нетранспарентноста. Не знаеја детали како е скаутиран и избран повозрасниот Украинец за нова спортска надеж на Македонија во олимписките спортови.

Кога владата во мај му дала државјанство на Онишченко, генералниот секретар на федерацијата на коњички спортови добил известување дека барањето им е исполнето, ни рекоа од федерацијата.

Сепак најголемиот пропуст го има направено АНБ, чии агенти и покрај многубројни информации на интернет за кривичното досие на Онишченко, одобриле државјанство на човек кој дури е и ставен на американската црна листа поради „попречување на демократијата“.

Сега Онишченко е запишан и во македонскиот избирачки список, иако во украинските медиуми е запишан како „трговец со месо“.

Затоа што пред десетина години преку сопствен избор за Мис на Украина учествувал во синџир на проституција за синот на тогашниот либиски автократ Моамер Гадафи.