Двојно „не“ од ВМРО-ДПМНЕ до ЕУ-тројката

Двапати „не“ од ВМРО-ДПМНЕ до ЕУ-тројката од т.н. Вајмарската група. Во два наврати во два дена министрите на Германија, Франција и Полска задолжени за европски прашања добија негативен одговор од најголемата опозициска партија за прашањето за уставни измени – клучната тема за која Ана Лирман, Лоренс Бун и Шимон Шинковски дојдоа во Скопје.

„Повторно нова постава на европски министри. Ставот нема да го промениме. Од нивна страна се кажува дека ова е последниот момент, фатете го бранот, ова е последниот воз. Ние повторуваме дека на неколку наврати, разни ликови доаѓале во Македонија и ни го кажувале истото, но и после 15,16 години Република Македонија не е членка на ЕУ и нема започнато преговори. За жал сега сме пред врата на ултиматум кој го прифатила оваа влада. Ставот само го повторивме. Немаме отстапено ниту милиметар од претходниот став“, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.

Тоа, како што кажа Стојаноска, на европските министри им било пренесено на вчерашата средба во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Истата порака, но со други зборови, им беше повторена на денешниот состанок во Собранието со спикерот и со координаторите на пратеничките групи.

„Владејачкото мнозинство, според она што беше кажано на средбата со министрите, е сосема свесно дека немаат две третини за да го испорачаат тоа што сами без национален консензус, лековерно го прифатиле како обврска за наметнати уставни измени по барање од Бугарија. И второ, тоа што беше кажано од име на пратеничката група на ВМРО –ДПМНЕ и Коалицијата `За обнова на Македонија`, беше `да` за ЕУ, но не за уцени од страна на Бугарија, коишто не нудат никаква извесност дека процесот на евроинтеграции нема повторно и повторно да биде блокиран заради ирационални прашања коишто Бугарија очигледно се уште ги има кон Македонија“, рече Антонијо Молошоски од ВМРО-ДПМНЕ

Другите пратеници, кои присуствувале на средбата, велат дека она што го слушнале од тројката Лирман-Бун-Шинковски биле пораки директни како никогаш.

„Имавме конструктивна средба со министрите од т.н Вајмарската група, сите пораки беа јсни – ако сакаме да и се спротивставиме на Русија,тогаш ќе галсаме за уставни зимнеи. Ако не сме со Русија тогаш ќе гласаме `за` за да се отвори патот на нашата земја кон ЕУ“, изјави Арбер Адеми од ДУИ.

Дел од европските министри, кои се сретнале со граѓанскиот сектор, повториле дека сега е моментот во процесот на проширување кој Македонија не треба да го пропушти. Рекле дека „вратата кон ЕУ сега е отворена и дека никој не треба да се жали за работите од минатото“. Пораката што ја повториле е дека нема план Б за земјава и дека не треба да се верува дека е можен подобар договор од оној постигнат лани.