Даница Илиќ : Почитувањето на етичките стандарди води кон вечна читаност

Темата етика во новинарството е една од најважните теми, особено сега кога дигиталното опкружување ни носи нови предизвици. Ние длабоко веруваме дека почитувањето на етичките стандарди води кон вечна читаност, доверба на публиката и подобра деловна одржливост, вели во интервју за МИА, новинарката Даница Илиќ од Мрежа за етичко новинарство со седиште во Лондон.

Даница Илиќ е поранешна новинарка на Би-би-си и на белградското Радио Б92, во моментов живее и работи во Лондон за Мрежа за етичко новинарство (Ethical Journalism Network – EJN). Последниве неколку години го раководи проектот „Изградба на доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција” и соработува со новинари и уредници од регионални медиуми, со кои ја промовира идејата за етички стандарди и добро раководење.

– Идејата за проектот што го реализира Мрежа за етичко новинарство, а за што доби поддршка од УНЕСКО и Европската Унија, се роди врз основа на потребата за враќање на довербата во медиумите. Регионалните медиуми, исто како и оние светските, се соочуваат со непознатото во дигитализацијата, последици од сè поголема негативна употреба на интернетот и социјалните мрежи, како и проблемот на сè поприсутниот феномен на дезинформации. Во таа смисла, Мрежа за етичко новинарство и УНЕСКО одлучија да направат многу јасен и конкретен предлог за изградба и враќање на довербата во медиумите. Станува збор за прашалник кој содржи насоки за воспоставување етички стандарди и добро управување. Нашиот проект и прашалник се во склад со светската новинарска иницијатива позната како Journalism Trust Initiative (JTI), што ја водат Репортери без граници. Сите заедно и со поддршка на етички медиуми во регионот, постигнуваме резултати во креирањето подобри содржини за публиката и секако за професионално раководење на медиумите.