Грузија ја казни и ја победи Македонија и во Тбилиси

Македонската фудбалска репрезентација е поразена и во вториот натпревар против Грузија во Лигата на Нации. Вечерва во Тбилиси домашните фудбалери ги казнија промашувањата и неискористените шанси на Македонија, и големиот број на грешки, за да остварат победа со која го осигураа првото место во групата.

Првото место беше тешко достижно и пред овој меч, но сега веќе е познато дека на едно коло пред крајот нема никакви шанси да бидеме првопласирани. Таму ќе биде Грузија, која вечерва не заслужи ама со ништо да победи, но го направи тоа.

Одличните шанси на стартот од првиот, и од вториот дел не беа реализирани. Па, што ли само требаше да се случи да се тресе мрежата на Грузија. Не казнија во првиот дел преку автоголот на Миовски, иако требаше Македонија да води, а потоа на стартот од вториот дел наместо да дојдеме до „егал“ и потоа по победата, една голема грешка придонесе Македонија да прими и втор гол и така да заврши предвреме надежта дека можеме да дојдеме до било каква победа, а не до онаа потребната од четири разлика. Треба да се напомене фактот дека отсуствата на неколкуте играчи исто така придонесоа за овој резултат, иако и овие играчи покажаа дека може да се надигруваат и со една Грузија која ќе има шанси преку бараж да оди на ЕП.

Уште во 3. минута Спировски се најде во шеснасетникот, беше нагазен од противнички играч, но според судијата немаше пенал. Главниот арбитар одмавна со раката и во 8. минута кога ударот на Алиоски беше блокиран, македонските фудбалери бараа рака. Во 10. минута првиот удар кон голот на Грузија, Спировски млако шутира, па Мамардашвили одбрани.

Во 21. минута закана од Спировски, силен удар, но грузискиот голман брани во корнер. Следуваат минути за Македонија, 23. минута шут на Барди од прекин, но повтормо Мамардашвили брани. На неколку пати Македонија создаде проблеми за Грузија, па мораше домашните со агресивен пристап да ја одземат топката на Елмас. Момците на Милевски изведоа и неколку корнери, во статистиката доминираа, а потоа се случи пресврт.