
„Гледаме со ушите“ – првите македонски филмови со аудиодескрипција за слепи и слабовидни лица
Официјалната промоција на проектот „Гледаме со ушите“, преку кој првпат македонски филмови се адаптирани со аудиодескрипција за слепи и слабовидни лица, ќе се одржи денеска со почеток во 9:30 часот, во кино-салата на Националната установа Кинотека на Македонија во Скопје.
Официјалната промоција на проектот „Гледаме со ушите“, преку кој првпат македонски филмови се адаптирани со аудиодескрипција за слепи и слабовидни лица, ќе се одржи денеска со почеток во 9:30 часот, во кино-салата на Националната установа Кинотека на Македонија во Скопје.

Проектот го организираат Здружението ФЛУКТУС, Асоцијацијата за пристапност и инклузија (АПИ) и ДСУРЦ „Димитар Влахов“ – Скопје, во соработка со НУ Кинотека на Македонија и со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Првпат во историјата на македонската кинематографија, се вели во најавата, три антологиски дела од националното аудиовизуелно наследство стануваат целосно пристапни за слепите и слабовидните лица преку стандардизирана аудиодескрипција на македонски јазик. Станува збор за „Снимките на браќата Манаки“, „Фросина“ од 1952 година и „Македонска крвава свадба“ од 1967 година.
На промоцијата ќе биде претставен процесот на изработка на аудиодескрипцијата, а ќе бидат прикажани и кратки демонстративни исечоци, со споредба на филмска сцена без и со аудиодескрипција. Потоа ќе следува отворена дискусија за системското воведување на аудиодескрипцијата во македонската филмска и телевизиска продукција.
Во рамките на проектот ќе се одржат и две бесплатни проекции со аудиодескрипција во Кинотеката. Во петок, 27 ноември, со почеток во 10:30 часот, ќе бидат прикажани избор од „Снимките на браќата Манаки“ и филмот „Македонска крвава свадба“, а во понеделник, 30 ноември, во истиот термин, избор од снимките на браќата Манаки и филмот „Фросина“.