Германската министерка Барбок: Треба да спречиме да се појави нов Путин во иднина

Германската министерка за надворешни работи Аналена Барбок ја поздрави кинеската мировна иницијатива за ставање крај на војната во Украина, но отфрли какви било територијални отстапки за Русија.

Праведен мир претпоставува „оној што го нарушил територијалниот интегритет, односно Русија, да ги повлече своите војници од окупираната земја“, рече Барбок на безбедносната конференција во Минхен.

„Светскиот мир се заснова токму на фактот дека сите ние го признаваме територијалниот интегритет и суверенитет на секоја земја“, додаде таа.

„Без повлекување на Русија, нема шанси да се стави крај на војната“

Германската позиција, продолжи таа, е дека без целосно повлекување на руските сили од Украина, нема шанси да се стави крај на речиси едногодишниот конфликт, а сите барања за завршување на војната со територијални отстапки за Русија се неприфатливи.

Таа, по примерот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека рускиот претседател Владимир Путин не треба да биде награден за инвазијата на Украина и дека тоа е начин да се спречат оние кои сакаат да го имитираат.

„Треба да спречиме да се појави нов Путин во иднина“, додаде таа.