Генералното собрание на ОН усвои резолуција за руско плаќање отштета на Украина

Генералното собрание на Обединетите нации изгласа синоќа резолуција со која Русија би се сметала за одговорна за кршење на меѓународното право поради нападот на Украина, поради што би требало да плати воена отштета. Резолуциите на ГС на ОН не се обврзувачки.

Од 193 членки на Обединетите нации, 94 гласаа за резолуцијата, 14 беа против, додека 73 земји беа воздржани, меѓу кои и Србија. Сите останати земји од Западниот Балкан, вклучувајќи ја Македонија, гласаа за усвојување на резолуцијата.

Ова беше најниско ниво на поддршка на гласање за резолуција од сите пет резолуции кои се однесуваат на Украина и кои ги усвои Генералното собрание од почетокот на руската воена операција.

Со резолуцијата се предлага 193 држави членки на Генералното собрание на ОН, во соработка со Украина, да формираат „меѓународен регистар“ во кој би се документирале тврдењата и информациите за штетите, загубите и повредите кои Русија им ги нанела на Украинците и нивната влада, наведува АП.

„Западните земји се обидуваат, со помош на Генералното собрание на ОН, да им дадат некаков привид на легитимитет на обидите за присвојување на замрзнатиот руски имот“, порача заменикот на постојаниот претставник на Русија во ОН Дмитриј Полјански.